Ацеролата е карактеристично растение за Средна и Јужна Америка, Тексас и Флорида. Расте на потопла клима, претставува грмушесто или мало дрвенесто растение кое цвета со бело-розови петтолисни цветови, а зрее во црешовидни светлоцрвени плодови со големина од 1-2 cm. Плодовите на ацерола (тропска цреша, Барбадос цреша, Malpighia glabra, Malpighia emarginata) се богати со овошен сок (до 80%) кој содржи висок процент на природен витамин Ц. Зелените плодови од ацерола содржат повисок процент на витамин Ц од зрелите, и затоа е важно плодот да се собере во вистинскиот момент. Ацеролата се смета за вистинска природна витаминска Ц бомба, бидејќи содржи од 1 g до 4,5 g витамин Ц на 100 g свеж плод. Тоа е за 32 пати повеќе од плодот на портокалот, односно  за 40 пати повеќе од плодот на лимонот.