Ако 20 век беше век на изнаоѓање антибиотици, почетокот на 21 век, несомнено, е посветен на пробиотиците. Сѐ повеќе научни истражувања и студии се насочени кон изнаоѓање безбеден и ефикасен пробиотик. Зошто е тоа така?
Цревниот микробиом е сложен екосистем од бактерии, вируси, габи и други микроорганизми кои живеат во дигестивниот тракт и кои играат клучна улога во варењето, имунитетот, па дури и во менталното здравје. Тој е толку голем што содржи повеќе од 100 трилиони микроорганизми со својот генетски материјал, што е повеќе од бројот на клетки во човековото тело, а влијае врз целиот организам – од кожата и мозокот до расположението и енергијата.
Цревниот микробиом почнува да се развива веднаш по раѓањето и зависи од начинот на раѓање и од начинот на хранење. Доенчињата родени вагинално се типично колонизирани со корисни бактерии од мајчиниот родилен канал, а, пак, родените со царски рез со бактерии од кожата на мајката. Мајчиното млеко содржи богата и разновидна низа на хранливи материи, кои се уникатни за секоја мајка и за секое доенче. Содржи и корисни бактерии како што се Bifidobacterium и Lactobacillus spp, но и пребиотици – храна за корисните бактерии.
Раната колонизација со патогени бактерии е поврзана со нарушеното здравје подоцна во животот.
Пробиотиците се дефинирани како живи микроби, кои кога се администрираат во соодветни количини, нудат придобивки за домаќинот. Меѓу најдобро истражените видови пробиотици е Lactobacillus rhamnossus GG (LGG). Се смета дека неговите здравствени придобивки произлегуваат од неговата супериорна способност за колонизација на гастроинтестиналниот тракт (ГИТ) и од моќта да се натпреварува и да произведува антимикробни материи за спречување колонизација со патогени бактерии. Lactobacillus rhamnossus GG (LGG), исто така, може да промовира заштитна бариера на ГИТ и да стимулира раст и пролиферација на клетките на домаќинот, па дејствува и како имунолошки стимулатор, но и модулатор, како локално во ГИТ така и системски.
Голем број научни студии ја потврдуваат неговата ефикасност и безбедност кај повеќе патолошки состојби, но посебно место има во примарната превенција од алергиски болести и во имуномодулацијата на незрелиот имунолошки систем кај децата.
Во рандомизирана студија, 208 здрави бремени жени секојдневно биле суплементирани со Lactobacillus rhamnossus GG (LGG) во комбинација со Bifidobacteriumlactis. Децата на 12-месечна возраст покажале поголем раст во тежината и висината во споредба со децата на плацебо. Притоа, пробиотикот покажал целосна безбедност и ефикасност во превенцијата на некои метаболни нарушувања.
Акутниот гастроентероколитис е една од најчестите болести во детството и една од водечките причини за смрт во светот. Се карактеризира со три или со повеќе неформирани, водникави столици во текот на 24 часа, а може да се јават и придружни симптоми, како на пример болка во стомакот, повраќање, губење апетит и малаксаност. Предизвикан е од вируси (50-70 %), бактерии (15-20 %) и од паразити (10-15 %). Од бактериските предизвикувачи најчести се Salmonella, Shigella, Escherichia и Streptococcus species. Lactobacillus rhamnossus GG (LGG) има антибактериски својства на тој начин што ги инхибира атхеренцијата и растот на овие патогени бактерии на слузницата во цревата. Третманот со раствори за орална рехидрација во комбинација со Lactobacillus rhamnossus GG (LGG) ги намалува тежината на симптомите и времетраењето на болеста. И при ротавирусна дијареја, раниот високодозен третман со Lactobacillus rhamnossus GG (LGG) ги намалува бројот на столиците и времетраењето на дијарејата. Антибиотици се ретко потребни и се даваат само по препорака на лекар.
Патничката дијареја е еден од најчестите здравствени проблеми на патувањата. Се јавува во првите денови од нив, со времетраење од 3 до 5 дена. Причинители се, секако, патогените микроорганизми како што се бактериите (Escherichia coli, Salmonella), вирусите и паразитите, кои предизвикуваат дисбаланс на електролитите и на водата, но тука е и преносот преку контаминирана храна и вода. Во однос на превенцијата на една од најчестите патолошки состојби во раното детство, подеднакво важни се термичката обработка на храната, добрата хигиена на овошјето и зеленчукот пред нивната употреба, како и редовната хигиена на рацете, особено пред оброк. Пробиотиците, особено Lactobacillus rhamnosus GG (LGG), ја намалуваат веројатноста за појава на патничка дијареја преку подобрување на имунолошкиот одговор во цревата и преку повторно воспоставување нормална микрофлора.
Антибиотик-асоцирана дијареја (ААД) настанува при примена на антибиотици. Lactobacillus rhamnossus GG (LGG) дејствува преку неколку механизми во превенирањето на дисбиозата и во обновувањето на нормалната цревна флора, но најважни се имуномодулацијата и компетенцијата со патогени бактерии. Во метаанализа од 12 рандомизирани студии со вклучени 1499 пациенти, кои покрај антибиотик примале и Lactobacillus rhamnossus GG (LGG), бил намален ризикот од ААД. Во друга студија со 7 различни пробиотици, Lactobacillus rhamnossus GG (LGG) бил супериорен во превенцијата на ААД.
Децата кои посетуваат предучилишна установа се особено подложни на респираторни инфекти, како поради честите контакти така и поради незрелоста на имунитетот. Во тој период децата престануваат да цицаат, што дополнително го зголемува ризикот од инфекти. Зголемувањето на аденоидот, третиот крајник, кој претставува лимфно ткиво на кровот на фаринксот, е најчест проблем околу третата година. Децата кои поминале низ аденектомија, отстранување на аденоидот, имаат зголемен ризик од респираторни инфекции поради намалениот имунитет на најчестите респираторни патогени микроорганизми. Иако се смета за дел од цревниот микробиом, важноста на Lactobacillus rhamnossus GG (LGG) е потврдена и за имунолошкиот систем на горното дишно стебло. Затоа, употребата на пробиотици може да биде корисна. Тој е присутен и во аденоидното лимфно ткиво кај децата, а значително се зголемува по 3 недели од суплементацијата со него. Студиите кај деца и адолесценти суплементирани со Lactobacillus rhamnossus GG (LGG) покажаа намалување на должината на симптомите на горнoреспираторните инфекции и до 2 дена при просечна инфекција, како и скратување на пропуштените училишни денови и на отсуствата на родителите од работа, во споредба со плацебо. Метаанализа од четири рандомизирани студии кои вклучиле 1805 деца известува за намален ризик од респираторна инфекција и за намалена употреба на антибиотици кај децата кои користеле Lactobacillus rhamnossus GG (LGG). Кај децата со висок ризик, какви што се предвремено родените, дополнувањето со пребиотици и со пробиотици може да го намали ризикот од риновирусна инфекција, која може да има сериозна клиничка слика и може да даде голем број компликации кај таквите новородени и доенчиња.
Воспалението на средното уво најчесто се надоврзува на горнореспираторните инфекции. Клинички се карактеризира со силна болка и со раздразливост, а можна е и придружна покачена телесна температура. Веќе ја спомнавме улогата на Lactobacillus rhamnossus GG (LGG) во имунолошките механизми на тонзилите и на аденоидното лимфно ткиво, па неговото присуство во средното уво, исто така, може да има значајна улога во превенцијата од инфекции. Lactobacillus rhamnossus GG (LGG) е присутен и во средното уво по суплементацијата во споредба со плацебо. Сепак, податоците за неговата улога во воспалението на средното уво се ограничени.
Повеќе од една милијарда луѓе низ светот имаат некоја алергиска манифестација – алергија на храна, астма, алергиски ринит или атописки дерматитис. Се смета дека развојот на алергиските болести вклучува генетски и надворешни фактори, како што се начинот на исхрана, изложеноста на алергени, употребата на антибиотици. Дисбиозата и намалената разновидност на доенечкиот цревен микробиом се, исто така, вклучени во патогенезата на алергиските болести. Во една рандомизирана студија за употребата на повеќе видови пробиотици што содржат Lactobacillus rhamnossus GG (LGG), пробиотикот е даван за време на бременоста, доењето и раното детство. Потврдени се пораст на бифидо-бактерии и намалување на патогените соеви, како на пример Proteobacteris и Clostridia, што укажува на тоа дека суплементација со пробиотик во перинаталниот период и во текот на раната детска возраст може да помогне во обновувањето на микробиомот. Суплементацијата со LGG, Lactobacillus casei и со Lactobacillus paracasei рано во животот е поврзана со помала преваленција на алергиски болести дури и кај деца со фамилијарна атопија.
Кај децата кои веќе развиле алергија, како на пример алергија на протеините на кравјото млеко, суплементацијатасоLactobacillus rhamnossus GG (LGG) може, исто така, да биде корисна. Еден неодамнешен систематски преглед и една метаанализа на 10 студии ја потврдија важноста на Lactobacillus rhamnossus GG (LGG) во закрепнувањето од гастроинтестинални (ГИ) симптоми, толеранцијата спрема алергените и во намалувањето на ГИ-крвавење.
Атопичниот дерматитис (АД) е најчестата хронична состојба на кожата кај 20 % од децата и кај 3 % од возрасните во светот. Патофизиологијата на АД не е целосно јасна. Сепак, дисбиозата може да биде еден од факторите на ризик, со оглед на тоа дека децата со АД имаат помала разновидност на микробиомот и помали нивоа на Bifidobacterium и на Actinobacteria, како и повисоки нивоа на Staphylococcus од здравите деца. Ефектите од суплементацијата со Lactobacillus rhamnossus GG (LGG) врз имунолошкиот систем, како што е забележано кај пациенти со алергиски болести, укажуваат на потенцијалот за негова употреба кај децата со АД. Една рандомизирана студија од 67 деца со АД заклучува дека Lactobacillus rhamnossus GG (LGG) во комбинација со тописки кортикостероид е ефикасен во намалувањето на симптомите на АД, оценети со бодовната скала СКОРАД, 8 недели по започнувањето на терапијата, во споредба со комбинацијата од плацебо и кортикостероиди.
Би можеле да заклучиме дека со своите уникатни морфолошки карактеристики Lactobacillus rhamnossus GG (LGG) може да има улога во примарната превенција од алергиски болести и во подобрувањето на имунолошкиот одговор за спречување и за лекување дисбиоза при инфективен и патнички ентероколитис, како и при ААД. Исто така, има значајна улога во имуномодулацијата на незрелиот имунолошки систем кај децата, па овозможува превенција и скратување на времетраењето на респираторните инфекции, како и во ублажувањето на респираторните симптоми.
Доц. д-р Валентина Цвејоска-Чолаковска
Педијатар пулмолог
Универзитетска клиника за детски болести – Скопје