Lactobacillus rhamnossus GG (LGG) во превенцијата и во третманот на акутниот гастроентеритис – д-р спец. Александар Сајковски

Lactobacillus rhamnossus GG (LGG) во третманот на акутниот гастроентеритис

Акутниот гастроентеритис е една од најчестите болести во детската возраст. Во високоразвиените земји тој е причина за повеќемилионски посети за преглед во примарната здравствена заштита и во ургентните центри, а во земјите во развој една од најчестите причини за хоспитализација на децата. Тој е сѐ уште една од водечките причини за смртен исход кај децата. Европското здружение за педијатриска гастроентерохепатологија и нутриција (EPSGHAN) акутниот гастроентеритис го дефинира како состојба на намалена конзистенција на столицата, делумно или целосно течна и/или како зголемување на фреквенцијата на евакуациите, и тоа најмалку три во 24 часа, со или без треска или повраќање.

Главни причинители на акутен гастроентеритис се вирусите (50-70 %), бактериите (15-20 %) и паразитите (10-15 %). Од вирусите најчести причинители се ротавирусот и норовирусот. Од бактериите најчести причинители се Salmonella, Shigela, Campylobacter, E.colli…, додека, пак, од паразитите Giardia, Amebiasis

Според препораките на EPSGHAN, главен приод во третманот на акутниот гастроентеритис е употребата на раствори за орална рехидратација, додека, пак, користењето разни медикаменти се покажало како непотребно во најголем број од случаите. Но, како додаток на оралната рехидратација, внесувањето пробиотици покажало значително намалување на времетраењето на болеста, како и на тежината на клиничките симптоми од неа. Од наведените причини, примената на пробиотици во лекувањето на акутниот гастроентеритис е предмет на голем број клинички рандомизирано контролирани студии.

Работната група за пребиотици и за пробиотици на EPSGHAN, сумирајќи ги сите релевантни докази што се објавени во висококвалитетни клинички студии, носи заклучок во форма на препораки и на протоколи, во кои се дефинира дека само два живи микроорганизми, Lactobacillus rhamnossus GG (LGG) и S. boulardii, може да се земат предвид за лекување на акутниот гастроентеритис како додаток на растворите за орална рехидратација. Истата препорака е дадена и од Азиско-пацифичката асоцијација.

Според податоците и информациите од 11 рандомизирани клинички студии, кај 2.444 деца е утврдено дека Lactobacillus rhamnossus GG (LGG) значително го намалува времетраењето на дијареалниот синдром, во споредба со плацебо-ефектот, што одговара и на препораките на реномираните педијатриски здруженија. Според практичните аспекти во третманот на дијарејата, Lactobacillus rhamnossus GG (LGG) треба да се применува во период од 5 до 7 дена и треба да се започне што порано од почетокот на акутниот гастроентеритис.

Автор: д-р спец. Александар Сајковски