Како да се справите со сувите и иритирани очи по долгото седење пред компјутер?

Колку често ви се случува да ве пецкаат очите додека седите пред компјутер, додека гледате телевизија или, пак, додека го користите мобилниот телефон?

Дали кога ќе се погледнете во огледало по неколку часа поминати пред компјутер, сфаќате колку очите ви се иритирани?

Технологијата е неизбежен дел од нашиот секојдневен живот, но што може да направиме за да ги заштитиме нашите очи?

Што е синдром на компјутерски вид?

Синдромот на компјутерски вид е познат и како дигитално напрегање на очите.

Овој синдром настанува кога вашите очи се напрегаат за подобро да се фокусираат кога гледате во екран. Луѓето трепкаат двапати помалку кога гледаат во дигитален екран, а забораваат дека токму трепкањето ја одржува влажноста на окото.

Блиската поставеност на екранот, како и силната или преслабата светлина може да бидат поттик за да си ги напрегнете очите и да го зголемите ризикот од развој на синдромот на компјутерска визија.

Најчести симптоми на овој синдром се следниве:

  • заморни очи,
  • црвенило во очите,
  • главоболка,
  • зголемена чувствителност на светлина,
  • чувство на тежина во очите,
  • замаглен вид,
  • двоен вид.

Добрата вест е дека синдромот на компјутерски вид е само привремен проблем, најчесто трае само неколку часа и лесно може да се ублажат симптомите доколку направите пауза од гледањето во екран.

Зошто се појавува сувост и иритација на очите?

Најчестите причини за надразнување на очите вклучуваат:

  • прекумерна изложеност на електронски уреди (компјутер, мобилен телефон, таблет, телевизор);
  • атмосферски фактори (климатизирана средина, преголема изложеност на сончево зрачење, ветер, чад, загадување);
  • синдром на суво око;
  • синдром на компјутерски вид;
  • чад од цигари;
  • триење на очите;
  • офталмолошки стрес по оперативен зафат на површината на окото;
  • користење контактни леќи;
  • пливање во базени.

Што е синдром на суво око?

Синдромот на суво око е хронична состојба која укажува на недостиг од лачење доволно количество солзи или на промени во нивниот квалитет, што резултира со недоволна влажност на очите.

Најчести симптоми на овој синдром се следниве:

  • чувство на жарење во очите;
  • чувство на сувост и иритација на очите;
  • брзо заморување на очите за време на работа пред компјутер;
  • прекумерено солзење (особено во зима);
  • заматен вид проследен со трепкање;
  • благ секрет при будење или залепени трепки.

Во споредба со синдромот на компјутерски вид, синдромот на суво око се развива постепено и најчесто е потребно подолго време за да се елиминираат симптомите.

Капки за очи како сојузник во борбата против проблемите со очите

Капките за очи (вештачките солзи) се најбрзото и најефектно решение за третирање на очните проблеми, како на пример синдромите на компјутерски вид и на суво око.

Изберете вештачки солзи со натриум хијалуронска киселина, како и со водни дестилати од гинко билоба, анасон, боровинка и од готу кола.

Комбинацијата на овие состојки е одлична за освежување, смирување и за подмачкување на сувите очи, при иритација на окото и уморни очи, како и за заштита од атмосферски и од надворешни влијанија итн.

Бонус совети за подобро здравје на очите

  • Следете го правилото 20-20-20 – по секои 20 минути работа на компјутер тргнете го погледот од екранот и 20 секунди гледајте во предмет оддалечен од вас 20 метри, за да им овозможите на очите да се опуштат.
  • Користете навлажнувач на воздухот во собите каде што најмногу престојувате. Сувиот воздух може да предизвика сушење и чешање на очите, особено во зима.
  • Не носете ги контактните леќи повеќе од неколку часа дневно, особено не преку ноќ.

Кога треба да посетите доктор?

Важно е да се напомене дека иако овие брзи решенија можат да обезбедат олеснување на симптомите, тие, всушност, не можат да ја излечат состојбата.

Ако симптомите продолжат или се влошат, консултирајте се со својот очен доктор.

Посетете очен лекар ако:

  • сте имале операција на очите;
  • иритирањето на очите трае веќе неколку дена;
  • ви влегол предмет во окото или ви се заглавило нешто во окото;
  • ви прснала хемикалија во окото;
  • болката е придружена со треска, главоболка или со невообичаена чувствителност на светлина;
  • имате ненадејна промена на видот;
  • ви отекува окото;
  • не можете да ги држите очите отворени;
  • имате проблеми со движењето на окото.