Синдром на компјутерски вид: како да се смират очите во модерната доба

Синдромот на компјутерски вид е проблем на модерната доба. Да го наречеме проблем на 21 век, а за тоа е заслужна употребата на компјутерите. Колку и да се сеприсутни во денешно време, компјутерските уреди (компјутерите, лаптопите и таблетите) може да ни предизвикаат проблем со очите, но и грбот.

Што значи точно синдромот на компјутерски вид?

Синдромот на компјутерски вид е состојба која настанува по долготрајно и непрекинато фокусирање на видот на компјутер или на друг уред со екран. Мускулите на окото не успеваат да закрепнат од постојаниот притисок потребен за одржување на фокусот на блискиот предмет. Иако, за жал, оваа состојба сѐ повеќе ги погодува децата, овде ќе се фокусираме на возрасните лица. Некои истражувања покажуваат дека од 50 до 90 % од лицата кои поминуваат време пред компјутер имаат најмалку еден симптом на синдромот на компјутерски вид.

Кога сме веќе кај симптомите,ги препознавате ли?

Најчести и најпрепознатливи симптоми на синдромот на компјутерски вид се напрегање на очите, главоболка, замаглен вид и суви очи. Да не ги спомнуваме болките во вратот и во рамената, кои можат да предизвикаат дополнителни здравствени проблеми. Во оваа статија во најголем дел ќе им се посветиме на очите, иако овој синдром предизвикува и други здравствени тегоби. Ќе понудиме и неколку решенија со кои ќе можете да си ги олесните симптомите. Некои постапки во домашни услови можат да ги ублажат, па дури и да ги надвладеат симптомите.

Како да се носите со синдромот на компјутерски види да си ја подобрите состојбата во домашни услови?

Еве нешто што можете да направите за да ги подобрите симптомите на синдромот на компјутерски вид. Дома или на работа. Не е важно. Советите се однесуваат и на двете опкружувања.

За почеток може да го ограничите и да го намалите времето кое го поминувате пред компјутер. Со значително намалување на времето што го поминувате пред компјутер можат да се намалат и симптомите на компјутерски вид. Можете да си ги подобрите видот, но и држењето. Обидете се да го применувате правилото 20-20-20. Обидете се на секои 20 минути да направите пауза и да престанете да гледате во екранот. Притоа, одморете ги очите гледајќи настрана, во предмети оддалечени барем 20 чекори (приближно 6 метри) во период од 20 секунди. Придушете го јакото светло на компјутерот! Променете го околното осветлување за да го намалите светлосниот ефект врз екранот на компјутерот, користејќи, пример, прекинувач со придушувач или ламба со подвижно сенило. Покрај тоа, не заборавајте да го поставите екранот на околу 50-70 cm од очите, колку што приближно изнесува досегот на вашите раце.

Кога сте веќе блиску до екранот, зошто да не си поиграте со неговите поставки? На пример, можете да ги наштимувате сјајот, контрастот, па дури и големината на фонтот.

Ако ништо од тоа не успее, не грижете се. Постои одлична опција која би можела да ви ги ублажи болката и непријатното чувство. Обидете се со капки за очи посебно наменети за овој вид проблем – вештачки солзи.

Што се вештачките солзи?

Вештачките солзи се фармацевтски производ во форма на капки за очи. Најчесто се базираат на хијалуронска киселина. Благодарение на своите мукомиметички и вискоеластични својства, оваа ефикасна материја овозможува подмачкување на површината на окото, додека истовремено го штити од триење предизвикано од движењето на очните јаболчници. Вештачките солзи може да содржат и други ефикасни материи, кои се додаваат со цел добивање што поголема ефикасност на производот. Кај чувствителните очи обрнете внимание на изборот на производ без конзерванси.