Ретко кој може успешно да се носи со жиговината. Болка, чувство на пецкање и враќање на киселината. Уф! Жиговината е многу пораспространета отколку што мислите. Еве и неколку интересни факти. Повеќето од нас барем еднаш во животот се соочиле со симптоми на жиговина. Меѓутоа, дали исто толку добро ги познавате и начините на кои можете да ги ублажите симптомите? Постојат мали промени во начинот на живот кои може да ги направите за да ги намалите симптомите на жиговина, а во оваа статија ви претставуваме дури девет.
Девет едноставни начини за ублажување на жиговината
1. Jадете пополека
Немојте да брзате. Јадете ги своите оброци пополека и во помали количини. Вашиот желудник може подобро да поднесе помала количини на храна, особено ако јадете без брзање. Само трпеливо. Ако јадете пребргу и во прекумерни количини, постои ризик од појава на жиговина. Со помали чекори ќе стигнете до големата цел.
2. Избегнувајте газирани пијалаци
Газираните пијалаци се строго забранети при појава на жиговина. Од нив можете да подждригнувате, што може да поттикне враќање на киселините во хранопроводот. Затоа е најдобро да ги замените со негазирани пијалаци.
3. Избегнувајте одредена храна
Можеби тоа веќе се подразбира, но треба да се нагласи дека одредени намирници, особено кисели, и помрсната храна можат да поттикнат појава на жиговина. Храната како на пример одредени зачини, патлиџанот, кромидот, лукот, кафето и чоколадото неповолно влијаат врз борбата против жиговината и најдобро е да ги избегнувате. Знаеме дека малкумина можат да му одолеат на чоколадото, но настојувајте да го исфрлите од исхраната. Честопати, всушност, е поважно самите да препознаете која храна ви штети. Следете внимателно како реагирате на одредени видови храна.
4. Престанете да пушите
Секако, се работи за штетна навика, а ако ве мачи жиговина, за ваше добро најпаметно е да се откажете од цигарите. Иако е тоа многу распространето верување, цигарите, всушност, не ја поттикуваат пробавата. Напротив.
5. Намалете го консумирањето алкохол и кафе
Алкохолот и кафето можат да ги влошат симптомите на ждригавица и на рефлукс на желудочната киселина, па зошто да не го намалите нивното консумирање. Најдобро би било кога би можеле во целост да ги исфрлите, но обидете се постепено. За почеток намалете го консумирањето алкохол и кафе и видете како се чувствувате.
6. Џвакајте мастики
Звучи едноставно, зар не? Па, всушност, и е. Мастиката може да ја намали киселината во хранопроводот, а особено се делотворни оние кои содржат бикарбонати. Со џвакањето се зголемува и количината на течност во устата, што, исто така, може да ја ублажи жиговината.
7. Спијте настрана
Особено на левата страна. Според резултатите од неколку научни студии, спиењето на десната страна дури може и да ги влоши симптомите на жиговина во текот на ноќта. Затоа секогаш проверете дали спиете на вистинската страна!
8. Држете ја главата повисоко
За пријатен сон без жиговина обезбедете си уште една перница. Според резултатите од поголем број научни студии, подигнувањето на потпирачот на креветот може да го намали враќањето на киселината и да ги подобри симптомите на жиговина. Зошто да не пробате со тоа и да проверите дали ви помага за подобро да спиете?
9. Одржувајте нормален индекс на телесната маса (BMI)
Здравата исхрана и нормалниот индекс на телесната маса (BMI) можат навистина добро да влијаат врз непријатните симптоми на ждригавица. Вишокот маснотии на стомакот може да биде поврзан и со поголем ризик од рефлукс на желудочната киселина и од ГЕРБ, па, секако, настојувајте да внесувате избалансирана и здрава исхрана и да одржувате умерена телесна тежина.
Во случај на жиговина, првиот совет најчесто е да ја промените исхраната и одредени навики. Доколку горенаведените совети не ви помогнат, постојат лекови без рецепт кои содржат калциум карбонат и магнезиум субкарбонат, кои реагираат со желудочната киселина и истата ја неутрализираат. Тие се користат при појава на жиговина и слични симптоми како што се чувство на надуеност и рефлукс на желудочна киселина.