Пет видови храна кои можат да ви помогнат при жиговина

Жиговината може да ви зададе многу главоболки. Болката може да се почувствува дури и во самиот назив на болеста. Се работи за она чувство на печење зад градната коска кое им пречи на сите оние кои го чувствуваат, а повремено им се случува на многумина од нас. 

Жиговина и ГЕРБ (гастроезофагеалната рефлуксна болест)

Жиговината е сама по себе многу незгодна. А замислете колку е незгодна гастроезофагеалната рефлуксна болест, позната и како ГЕРБ. Се работи за хронична и зачестена болест со која се бори дури 20 % од вкупната популација. Како се чувствувате ако страдате од овие состојби? Не можете нормално да спиете. Често чувствувате дека рефлуксот ви гори, што е предизвикано од враќањето на киселата содржина од желудникот. Понекогаш можеби имате и тешкотии со дишењето и со голтањето, а може да чувствувате и болка и неудобност при голтањето. Чувството на печење и на тапа болка се јавува одеднаш и се чини дека никогаш нема да помине. Добро ни е познато со што се соочувате, па еве неколку совети кои може да ги примените за да си ја олесните непријатната состојба. Да започнеме со храната.

Пет видови храна што можат да ви помогнат при жиговина

1. Ѓумбир

Ѓумбирот има докажани противвоспалителни својства и навистина е еден од повредните сојузници во борбата против жиговината, па затоа лекарите често го препорачуваат за ублажување на мачнината. Ѓумбирот може да се употребува при жиговина затоа што по природа е алкален. Токму поради тоа има смирувачки ефект бидејќи, всушност, киселината е предизвикувач на надразнатоста на пробавниот систем.

2. Храна богата со влакна

Намирниците богати со влакна, како што се овесната каша, житните снегулки, ориз и другите видови житарки од цело зрно, се одлични за ублажување на симптомите на ждригавица. Зошто? Како прво затоа што се богати со влакна и многу подобро ја впиваат желудочната киселина, што може да помогне при жиговина, а како второ не морате да ги јадете во големи количини за да се почувствувате сито, а тоа е битно бидејќи и прејадувањето може да придонесе за појава на жиговина. Кога не сте сигурни што да земете за јадење, изберете лесна храна богата со влакна.

3. Зелен лиснат зеленчук

Исто како и кај намирниците богати со влакна. Зелената салата, руколата, кељот и краставицата содржат многу вода и на тој начин помагаат да се разреди желудочната киселина. Истовремено не мора да ги јадете во големи количини за да се почувствувате сито. Меѓутоа, кога се во прашање салатите, треба да избегнувате да ги зачинувате со кисели сосови бидејќи може повеќе да ви штетат отколку што ќе ви користат.

4. Банани

Бананите се паметен избор кога е во прашање жиговината. Имаат послаба киселост, па слободно можете да додадете неколку парченца во својата утринска овесна каша за малку креативност во осмислувањето на оброците за ублажување на жиговината. Така во еден оброк ќе добиете и влакна и витамини и минерали.

5. Јогурт

Јогуртот дејствува како привремен заштитен слој и може да ги ублажи симптомите на жиговина. Јогуртот и другите видови млечни производи (како на пример млекото и грчкиот јогурт) го обложуваат хранопроводот, со што го намалуваат чувството на печење при рефлукс на киселината.

Во случај на жиговина, првиот совет секако е да ја промените исхраната и одредени навики. Доколку горенаведените совети не ви помогнат, постојат лекови без рецепт кои содржат калциум карбонат и магнезиум субкарбонат, кои реагираат со желудочната киселина и истата ја неутрализираат. Тие се користат при појава на жиговина и слични симптоми како што се чувство на надуеност и рефлукс на желудочна киселина.