Патувачка дијареjа

Се подготвувате за патување? Патувачката дијареја е еден од најчестите здравствени проблеми во текот на патувањето.

  • Најчесто се јавува во првата недела од патувањето, а симптомите се со времетраење од 3 до 5 дена.
  • Се карактеризира со 3 или со повеќе неформирани, водести столици во текот на 24 часа.
  • Други симптоми што може да се јават се болка во стомакот, повраќање, губење на апетитот и малаксаност.

Предизвикана е од различни бактерии (Escherihia colli, Salmonela), вируси и паразити кои го населуваат тенкото и/или дебелото црево и кои предизвикуваат нерамнотежа на електролити и на вода.

Се пренесува преку јадење и пиење контаминирана храна и вода.

Затоа, во насока на превенција од патувачка дијареја, бирајте ги храната и пијалаците внимателно. Храната треба да е термички обработена, а свежото овошје и зеленчукот добро измиени. Истовремено, хигиената на рацете е од особено значење, особено по користење тоалет и пред оброк.

Доколку се појави дијареја, внесувајте голема количина на течности за да не дојде до дехидратација. Примената на антибиотик е ретко потребна за лекување и е по препорака на доктор. Употребата на пробиотици е во насока на намалување на ризикот од појава на патувачка дијареја. Доколку дојде до појава на патувачка дијареја, пробиотикот помага да се елеминира предизвикувачот на инфекцијата, го подобрува имунолошкиот одговор на организмот и помага повторно да се воспостави нормална микрофлора во цревата.