Акутната кашлица може да биде проблематична и непријатна, особено во сезона на настинка и грип. Во суштина, кашлицата се смета за здрав и нормален рефлекс, но може да биде и симптом на одредени здравствени проблеми.
Веројатно сте ги слушнале и следните поими: хронична и субакутна кашлица. Но, освен ако сте медицинскo лице, веројатно не го знаете нивното точно значење. Не е секоја кашлица иста без разлика на фактот дека се работи за истиот рефлекс. Пред да ги појасниме начините на смирување на акутната кашлица, да се запознаеме со трите вида на кашлица.
Што е акутна, субакутна и хронична кашлица?
Кашлицата е рефлекс на телото кој помага да се исчистат дишните патишта од надразнувачките материи. Секој од трите вида кашлица се карактеризира со определено времетраење и со различна јачина на симптомите. Тие се движат од благи до тешки, а поради разликата во јачината може да варира и нивното времетраење – од неколку недели до неколку месеци.
Акутна кашлица
Во медицинска смисла терминот акутно значи дека болеста трае кратко или дека е во почетна фаза. Тоа значи дека немало можност болеста да премине во посериозна фаза. Најчести причинители на акутната кашлица се вирусните инфекции на горните дишни патишта. Акутната кашлица е упорна кашлица која трае две до три недели. Се појавува наеднаш и најчесто како придружен симптом на акутниот бронхитис, грипот или на настинката. Понекогаш акутната кашлица може да биде предизвикана од состојби како што се астмата, сезонските алергии, гастроезофагеалната рефлуксна болест, па дури и од хроничните болести на белите дробови. Кашлицата сама по себе може да биде непријатна и иритантна. Постојат два различни вида на акутна кашлица. Тоа се влажна и сува кашлица. Главната разлика е што кај сувата непродуктивна кашлица не доаѓа до искашлување на слузта и на воспалителниот секрет, а кај влажната продуктивна кашлица доаѓа до исфрлање секрет, страни честички или микроорганизми.
За среќа, постојат некои постапки и фармацевтски производи кои може да се земат без рецепт и кои помагаат да се ублажи кашлицата.
Субакутна кашлица
Поимот субакутен се дефинира како помалку изразен според јачината или според времетраењето во однос на соодветната акутна состојба. Да ја земеме за пример постинфективната кашлица. Тоа е субакутна кашлица која започнува со акутна инфекција на респираторниот тракт и која најчесто не преминува во воспаление на белите дробови (т.е. радиолошкиот наод на белите дробови е уреден), па обично се повлекува без третман.
Хронична кашлица
Тоа е кашлица која трае или која се јавува одново и одново во текот на подолг период. Исто така, се смета дека е најтешка форма на кашлица и дека е најтешко да се излечи. Затоа при лечењето се важни дијагностичкиот наод и избегнувањето лекови и надразнувачки материи кои предизвикуваат кашлица. Приближно во 95 % од случаите, хроничната кашлица кај имунокомпетентните возрасни лица е поврзана со нарушувања во горните дишни патишта, додека, пак, во другите 5 % случаи хроничната кашлица е последица на други болести, како што се бронхогениот карцином, саркоидозата, туберкулозата или затајувањето на срцето. Хроничната кашлица потешко се лекува, но нејзиното излекување е секако можно.
Планот за лекување зависи од видот на кашлицата и од нејзините главни карактеристики.
Доколку мислите дека можеби страдате од некој од погореопишаните видови кашлица, секако обратете се кај својот лекар.
Како да ја смирите акутната кашлица и да си олесните во домашни услови
Еден од најдобрите начини за ублажување на кашлицата е внесувањето доволно течности, особено вода, бидејќи таа помага за разредување на насобраната слуз. Навлажнувачите на воздухот и парните инхалатори, исто така, се добри извори за ублажување на акутната кашлица во домашни услови. И тие ја разредуваат слузта и помагаат во прочистувањето на дишните патишта. Медот, исто така, може да биде од помош.
Од лековите без рецепт, карбоцистеин е одличен избор за влажна или продуктивна кашлица. Карбоцистеинот е ефикасен во лекувањето на болести на респираторниот систем кога се акумулира премногу слуз или слузта е премногу леплива. Има силно дејство што ја намалува вискозноста на слузта и помага да се отстрани прекумерната слуз од респираторниот систем.