Единаесет начини како да ги ублажите симптомите на алергија

Колку често алергијата знае да ви ги попречи секојдневните активности?

Дали кивањето, течењето или чешањето на носот и печењето или чешањето на очите се неизбежен дел од вашето секојдневие, особено напролет?

Што можете да направите за на едноставен начин да ги ублажите симптомите на алергија?

Во продолжение прочитајте за 11 природни начини како да се изборите против алергиите.

Начин 1: Затворете ги прозорците

Надвор е можеби прекрасен, сончев ден, но ако концентрацијата на полен е висока, подобро е да ги затворите вратите и прозорците за да спречите навлегување на воздухот со полен однадвор.

Како дополнителна заштита во домот можете да користите прочистувач на воздухот или, пак, во клима-уредот да инсталирате филтри за полен за да спречите навлегување на полен, прав и на цврсти материи однадвор.

Истиот филтер можете да го инсталирате и во вашиот автомобил.

Начин 2: Измијте се

Секогаш кога ќе влезете во својот дом, со себе носите ситни честички на облеката, чевлите, косата и на кожата, собрани од секаде каде што сте биле.

За да ги елиминирате потенцијалните алергени, оставете ги чевлите пред врата, пресоблечете се, измијте го лицето или најдобро истуширајте се.

Начин 3: Носете маска

Ако веќе не можете да спречите контакт со алергени, користете ја респираторната маска N95, достапна во поголемиот број аптеки и продавници низ земјава.

За разлика од обичните, овие маски блокираат 95 % од малите честички како што се поленот и другите алергени.

Начин 4: Консумирајте витамин Ц

Витаминот Ц докажано го подобрува функционирањето на имунолошкиот систем, но дејствува и како природен антихистамин.

Витаминот Ц е присутен во голем број овошја и зеленчуци вклучувајќи:

  • пиперки,
  • брокула,
  • карфиол,
  • блитва,
  • зелка,
  • спанаќ,
  • домати,
  • тиквички,
  • диња,
  • киви,
  • портокали,
  • јагоди,
  • лубеница,
  • малини.

Потрудете се барем еден оброк во денот да ви се состои од некои од овие плодови.

Начин 5: Исплакнете ги ноздрите

Плакнењето на ноздрите ја чисти слузта од вашиот нос, го намалува чешањето и ги отстранува бактериите.

Во едно тенџере зовријте вода и измешајте 3 лажички сол без јод со 1 лажичка сода бикарбона. За употреба земете една лажичка од течноста, наведнете се над мијалникот и нежно исплакнете една по друга ноздра.

Начин 6: Вдишете пареа

Слично како плакнењето на ноздрите, вдишувањето пареа може да го опушти затнатиот нос и да ви помогне полесно да дишете.

Држете ја главата над сад со топла (но не премногу топла) вода и не заборавајте да ставите крпа над главата за да ја задржите пареата. Издржете во таа позиција минимум десетина минути.

Начин 7: Пијте повеќе течности

Внесувањето поголема количина течности може да ја разреди слузта во вашиот нос и да ги олесни симптомите на алергија.

Топлите течности, како на пример чаевите и супата, имаат и дополнителна придобивка – пареата.

Начин 8: Чистете со природни средства

Еден од најдобрите начини за да се избегнат алергени во затворен простор е редовното чистење на домот.

Се препорачува чистење со природни средства, како на пример оцет или сода бикарбона, бидејќи грубите хемикалии може да ја изиритираат назалната слузница и само дополнително да ги влошат симптомите.

Начин 9: Избегнувајте чад од цигари

Чадот од цигари може дополнително да ги влоши чешањето, течењето на носот, затнатоста и иритираните очи.

Ако страдате од алергии, изберете да престојувате во угостителски објекти каде што не се пуши или барем погрижете се да бидете сместени во непушачкиот дел.

Дополнително, избегнувајте аеросолни спрејови и чад од горење дрвја.

Начин 10: Дознајте што ја предизвикува алергијата

Ако сè уште не знаете на што точно сте алергични или ако имате некои претпоставки, добра идеја е да направите тест за алергија.

На овој начин точно ќе одредите што ви ја предизвикува алергијата и ќе може да направите конкретен план како да ги избегнете алергените.

Начин 11: Употреба на лекови без рецепт – антихистаминици

Најбрзо решение за да ги елиминирате симптомите на алергија се таблетите што содржат активна супстанција лоратадин, дел од групата лекови наречени антихистаминици, кои ги ублажуваат алергиските симптоми и го спречуваат дејството на хистаминот што се создава во организмот.

Таблетите на база на лоратадин можат да помогнат при симптоматска терапија на алергиски ринитис (кивање, течење или чешање на носот и печење или чешање на очите) и при симптоматска терапија на хронична идиопатска уртикарија (црвенило и осип на кожата проследени со чешање).