Единаесет брзи начини како да се ослободите од симптомите на грип и настинка

Во моментот кога ќе се појават првите симптоми на грип и настинка, сакате брзо да се ослободите од нив. Навистина е тешко да се фокусирате на она што го работите кога носот ви е затнат и ви тече. Не можете да престанете да кивате или, пак, грлото ве гребе.

Велат дека не постои лек за настинката. За жал, тоа не е далеку од вистината. Над 200 вируси можат да предизвикаат обична настинка, но таа најчесто е предизвикана од групата вируси познати како риновируси.

Добрата вест е тоа што не треба да страдате од симптомите додека вашето тело се бори со настинката.

Прочитајте за 11-те брзи начини како да ги минимизирате симптомите на грип и настинка за кратко време.

Начин 1: пијте многу течности

Консумирањето многу течности ќе ја разреди слузта од респираторниот тракт помагајќи полесно да ја исцедите од носот и од синусите.

Дополнително, течностите помагаат да се одржува влажноста на мукозните мембрани за да се елиминира непријатното чувство на сувост во носот.

Пиењето 2 до 3 литри вода и незасладени напивки дневно (особено зелен чај) значително ќе ви помогне во процесот на оздравување.

Начин 2: пијте топли напивки

Внесувањето течности е одлично, но топлите напивки дејствуваат смирувачки, особено кога сте настинати, смирувајќи ги воспалените мембрани на грлото.

На секои 10-15 минути напијте се голтка-две топол пијалак за да ги почувствувате ефектите.

Начин 3: наспијте се

Спиењето е од суштинско значење за телото да се одмори и да заздрави.

Истражувањата покажуваат дека кога спиете, вашето тело произведува протеини наречени цитокини, кои се одличен сојузник во борбата против инфекциите и воспалението.

Особено кога имате симптоми на настинка, потрудете се да спиете барем 8-9 часа дневно за да му дадете доволно време на телото да се избори против настинката и грипот.

Начин 4: приспособете ја положбата на спиење

Кога одите во кревет, обидете се да ја кренете главата нагоре со перници за да ѝ помогнете на гравитацијата да работи за вас.

Спиењето со подигната глава овозможува течноста во вашите синуси да продолжи да тече, за да избегнете застој и други симптоми на настинка.

Од друга страна, кога лежите хоризонтално, слузта е во мирување, а тоа може да резултира со кашлица и со отежнато дишење.

Начин 5: медитирајте

Кратката дневна медитација може да го ублажи стресот и да го дефокусира телото од симптомите на настинка што ги искусувате во моментот.

Сè што треба да направите е да најдете тивко место, да ги затворите очите и неколку минути да се фокусирате на земањето и на испуштањето на вашиот здив (или подолго ако можете да издржите).

Начин 6: гаргара со солена вода

За да се ослободите од болките во грлото, пробајте да правите гаргара со солена вода.

Ставете 1/2 или 1/4 лажичка сол во чаша со топла вода од 250 милилитри и правете гаргара неколкупати едно по друго. Повторете неколкупати дневно.

Солта ќе ја олесни надразнетоста на мембраните во грлото и ќе ја смири болката.

Начин 7: навлажнете го воздухот

Сувиот воздух може да предизвика дополнително иритирање на грлото и на носот.

Користете навлажнувач на воздухот, особено додека спиете, за да ја вратите природната влажност на воздухот во вашиот дом.

Начин 8: пареа од топла вода

Сварете вода, покријте си ја главата со крпа и над садот длабоко вдишувајте од топлата вода барем 10-ина минути. По желба во водата може да додадете и чај од камилица.

Топлата вода ја разводнува слузта и помага побргу да се исфрли од вашето тело.

Начин 9: одржувајте ја хигиената

Како што е важно да ги ублажите симптомите на настинка исто толку е важно да го спречите и ширењето на вирусот во вашата околина.

Секојдневно чистете ги и дезинфицирајте ги површините што ги допирате дома и на работа. Правете го ова секогаш и кога некој околу вас е болен.

Најдобар начин за да избегнете ширење на вирусот на настинка на оние околу вас е да се изолирате во домашни услови сѐ до ублажување на симптомите.

Начин 10: јадете храна богата со витамин Ц

Консумирањето храна богата со витамин Ц може да ви помогне побргу да се вратите во нормала.

Примери за храна што содржи високо ниво на витамин Ц:

  • портокал,
  • лимон,
  • јагода,
  • киви,
  • брусница,
  • боровинки,
  • манго,
  • црвена пиперка,
  • црвен кромид,
  • брокула,
  • кељ.

Дополнително, билките како што се кари, лук и кликавче се одлични за лекување воспаленија.

Начин 11: изберете ги вистинските лекови без рецепт

Во вашата аптека побарајте лекови што се комбинација на повеќе активни супстанции како што се парацетамолот, псевдоефедринот, декстрометорфанот и витаминот Ц.

Еве зошто:

  • парацетамолот ја ублажува болката и ја намалува телесната тeмпература;
  • витаминот Ц го зајакнува имунолошкиот систем;
  • псевдоефедринот ја намалува назалната конгестија и овозможува проодност во носот и во дишните патишта;
  • декстрометорфанот ја ублажува кашлицата предизвикана од слаба иритација на грлото и на дишните патишта.

Иако овие производи не можат да ја излечат настинката, за кратко време ќе ви помогнат да се чувствувате многу подобро, ќе ги ублажат симптомите на грип и настинка и ќе ви овозможат наскоро да им се вратите на своите секојдневни активности.