Забоболката е едно од најболните искуства кое повеќето од нас го доживуваат во одреден момент од животот. Како што кажува и самото име, забоболката е болка во заб или околу заб. Може да биде изразено јака и непријатна.
Постојат многу причинители на забоболката. Еден од нив се шуплините што ги предизвикува кариесот, а друг е кршењето заб. Тука се и застрашувачкиот забен апсцес, оштетувањето пломба и инфекцијата на забното месо како можни причинители на забоболката. Понекогаш постои и оток околу подрачјето на забоболката, а понекогаш може да следуваат и покачена температура и болка во увото.
Дали некогаш сте забележале дека забоболката станува речиси неподнослива ноќе?
Има добра причина за тоа. Вашето тело и ум конечно се опуштени и подготвени за одмор. Нема многу работи што можат да ни го одвлечат вниманието ноќе. Токму поради таа опуштеност и не е толку необично што болката појако ја чувствувате ноќе отколку дење. Сконцентрирани сте на болката и тешко е да се размислува за што било друго. Поради тоа забоболката ви се чини многу појака. И иако можеби не можете во целост да се ослободите од неа, можете да ја ублажите.
Три начини како да ја ублажите забоболката среде ноќ
1. Лекови што можат да се добијат без рецепт
Зошто да трпите болка кога можете да ја ублажите со едноставна таблета? Ибупрофен лизинатот може да биде ваше решение за неподносливата забоболка. Зошто? Тој е сол на ибупрофенот кој припаѓа во групата на лекови кои се нарекуваат нестероидни антиинфламаторнилекови. Има аналгетски, противвоспалителни и антипиретички својства и за кратко време ќе ви ја ублажи болката.
2. Држете ја главата во подигната положба
Обидете се да ја држите главата во подигната положба ноќе. Со држењето на главата над телото спречувате поголем доток на крв во главата. Ако е поголем дотокот на крв во главата, болката може да биде поинтензивна. Дури може да ве држи будни цела ноќ. Затоа држете ја главата подигната!
3. Ставете ладна облога на болното место
Ладните облоги помагаат за ублажување на болката, особено ако покрај забоболката се појавува и оток. Затоа ставете мраз замотан во крпа на онаа страна од лицето каде што чувствувате забоболка и така држете околу 10 минути. Повторувајте додека болката и отокот не се намалат.
Со сето наведено би требало болката да се ублажи. Лековите против болки се најефикасниот начин за ублажување на болката, особено ноќе, а еден дел од нив се издава и без лекарски рецепт. Но, како што знаете и самите, таблетите се привремено решение. Со нив привремено ќе го отстраните чувството на болка.
За долгорочно решавање на проблемот, секако, договорете преглед кај својот стоматолог.