Едноставни начини за ублажување на забоболката кај вашето дете

Забоболката е вид болка која едвај ја поднесуваат возрасните, а камоли децата. Кога ќе се појави, претставува вистински кошмар и за децата и за возрасните. Факт е дека децата почесто страдаат од забоболка.

Најдобро е што поскоро да го одведете детето кај стоматолог, а во меѓувреме, ве советуваме да не се вознемирувате премногу. Постојат начини за ублажување на болката додека не посетите стоматолог. За почеток да ги разгледаме причините за појава на забоболка кај децата.  

Кои се главните причини за забоболка кај децата?

Кариесот е една од најчестите причини за забоболка кај децата.

Во повеќето случаи комбинацијата на лоша орална хигиена и на консумирање храна со многу шеќери е главниот виновник за појава на кариес. Сите знаеме дека децата сакаат слатки, а помалку се грижат за миењето на забите. Значи, родители, сигурно веќе знаете што треба да направите.

Друга причина за забоболка се забните апсцеси, кои, исто така, можат да предизвикаат голема болка и непријатност. Тие се малку посложена форма на забоболка, а таквиот заб може да предизвика црвено, потечено непце и пулсирачка болка, особено кога вашето дете џвака.

Гингивитисот (воспаление на непцето) е прилично честа состојба кај децата, која е предизвикана од таложење наслаги. Додека ги четкаме забите, доаѓа до набабрување и до лесно крвавење на непцето. Храната која останува меѓу забите на детето, исто така, може да предизвика забоболка, особено ако детето јаде храна каква што се на пример пуканките.

Посебен проблем е кршењето на забите, кое може да се случи додека си игра или додека тренира некој спорт, кога ќе претрпи ненадеен удар во лицето или при загризување тврда храна. Оштетениот заб станува чувствителен на надворешни дразби. Една од почестите причини за забоболка се и забите што растат (особено кај бебињата).

Секако треба што поскоро да договорите преглед кај стоматолог, а во меѓувреме постојат начини кои можете да ги искористите за борба против забоболката. Она што можете да го преземете за да спречите идни забоболки кај своето дете е да се посветите на правилна нега и хигиена. Миењето на забите е неопходно за добро орално здравје, како и редовната употреба на забен конец. Најдобро е рано да се всадат добри навики во секојдневната рутина на вашето дете. Започнете додека е сѐ уште мало!

Што треба, а што не треба да правите за да ја ублажите забоболката?

Ако не можете веднаш да го одведете своето дете кај стоматолог, постојат начини со кои можете во меѓувреме да ја ублажите забоболката.

За почеток, ако вашето дете страда од забоболка, обична топла вода (не врела или студена) со лажичка готварска сол може да помогне за ублажување на чувствителноста на забот. Детето нека ја исплакне устата со солена вода кога и да почувствува болка.

Ладна облога на образот, исто така, може да ги намали болните пулсирања.

Ако вашето дете отежнато џвака, дајте му течна или помека храна, како на пример јогурт или пак кајгана. Во вакви ситуации, секако, немојте да му дозволите да јаде храна која е слатка, многу топла или многу ладна. Млаките течности овде се вашата најбезбедна опција, па затоа обидете се да понудите течности кои се млаки на допир и кои нема уште повеќе да ја засилат забоболката.

Пробајте лекови без рецепт кои ја ублажуваат болката. Ефикасни се и едноставни за користење, па затоа секој родител би требало да ги има во куќната аптека. Тие се спас кога вашето дете се бори со забоболка, а вие едноставно не можете веднаш да го одвете на стоматолог, особено кога болката се јавува ноќе. Најчести лекови без рецепт за ублажување на забоболката, кои се применуваат кај децата, се Парацетамол и Ибупрофен. Нестероидните антиинфламаторни лекови (НСАИЛ) можат да помогнат при болки, да го намалат отокот и да ја снижат покачената телесна температура.

Ибупрофенот често се користи за лечење на симптомите на настинка и грип, на главоболка и на забоболка кај децата. За децата на возраст од три месеци или постари ибупрофенот обично е во течна форма, како на пример орална суспензија, сируп и сл. За постарите деца кои можат да голтаат таблети (обично од 12. година во животот) ибупрофенот е достапен и во други фармацевтски форми.

Забоболката во детството е речиси неизбежна. Тоа е една од оние видови болки за време на растењето која ја доживува речиси секое дете во одреден момент. Но колку и да е болно постојат начини со кои можете да ја ублажите. Како што веќе напоменавме, некои од средствата за ублажување на болката се лесно достапни во вашиот дом, додека, пак, другите можат лесно да се најдат во најблиската аптека. Запомнете: не смеете предолго да ја игнорирате болката. Што поскора посета на стоматолог е од големо значење за да се реши проблемот, но и за да се спречи влошување на состојбата. Сѐ друго е само привремено решение.