Болката во долниот дел на грбот е една од најчестите видови болка. Истовремено е и една од најисцрпувачките. Зошто? Има многу причинители на овој вид болка, а сите се, во најмала рака, незгодни. Јаката болка во долниот дел на грбот може да ги оневозможи дури и секојдневните работни обврски. Сето тоа се работи кои инаку ги земаме здраво за готово, како на пример наведнувањето за да ги собереме детските играчки или вадењето на јадењето од печка. На повеќемина таквите и слични задачи би им биле едноставни, но на оние со болки во долниот дел на грбот им се вистинска ноќна мора. Знаеме како се чувствувате. Но не грижете се. Ноќната мора е речиси завршена.
Една од главните причини за болка во долниот дел на грбот е истегнување на мускулите и на лигаментите. Болката, исто така, може да се појави и кога мускулите и лигаментите се толку многу истегнати што дошло до нивно оштетување кога се јавува акутната болка. Болката во долниот дел на грбот може да ја предизвикаат некои хронични и долготрајни состојби кои е тешко да се излечат. Една од таквите состојби е хернијата на лумбалниот диск, како и некои други дегенеративни и воспалителни болести на ’рбетот. Деформациите како што се сколиозата и кифозата и компресиските фрактури предизвикани од остеопораза се чести причинители на болката во долниот дел на грбот.
Запомнете: долниот дел на грбот го потпира горниот дел на телото и ги овозможува движењата како што се вртењето и пресвиткувањето. Кога е во прашање лечењето на болката во овој дел од телото, постојат одредени едноставни активности што може да ги примените во домашни услови.
Пет начини за ублажување на болката во долниот дел на грбот
За почеток запомнете дека различните пристапи можат да донесат различни резултати во зависност од интензитетот на болката. Треба да се консултирате со својот лекар во врска со правилното медицинско лечење на болката во долниот дел на грбот. Еве некои работи што може да ги преземете во домашни услови за да го подобрите своето здравје и за да ја ублажите болката.
1. Движете се
Иако можеби чувствувате болка додека се движите, немојте да запрете. Можеби се чини дека е добра идејата да застанете и да се одморите, но треба да го направите сосема спротивното. Седечкиот начин на живот нема да придонесе за исчезнување на болката, така што најдобро е да се движите. Можете, на пример, да одите на получасовна прошетка. Можете да се посоветувате со физиотерапевт за вежбите што треба да ги направите. Добар физиотерапевт вреди злато кога е во прашање болката во долниот дел на грбот. При таков вид болка секогаш треба да се консултирате со лекар и да ги усогласите активностите со неговите упатства.
2. Одржувајте нормална телесна тежина
Мора да останете активни и да се движите не само заради ублажување на болката туку и заради одржување нормална телесна тежина. Не заборавајте дека прекумерната тежина, веројатно, ќе ја интензивира болката во долниот дел на грбот.
3. Вклучете исхрана богата со магнезиум и со витамин Д
Познато е дека болката во долниот дел на грбот често е предизвикана од состојби кои бараат поголема концентрација на витамини и минерали во исхраната. Ако болката ја предизвикува истегнат мускул, често се препорачува магнезиум, а ако е болката предизвикана од нарушување какво што е остеопорозата, еден од витамините што се препорачуваат е витаминот Д. Во секој случај, сето ова се состојби за кои се потребни совет и препорака од лекар.
4. Топлината и мразот помагаат
Мразот е најдобар ако болката во долниот дел на грбот е предизвикана од отекување или од воспаление. Перничето за загревање може да биде подобар избор ако мускулите ви се вкочанети и ако им е потребно опуштање.
5. Одредени лекови без рецепт се ефикасни за ублажување на болката
Лековите без рецепт како ибупрофен се одличен избор за ублажување на болката во долниот дел на грбот. Зошто? Ибупрофенот е нестериоиден антиинфламаторен лек кој ја ублажува болката, отокот и треската. Се препорачува и за други видови на болка, како што се главоболка, ревматска болка, менструална болка, па дури и забоболка.