Ако сте родител, тогаш сигурно оваа реченица ви е добро позната: “Мамо, тато, не се чувствувам добро!“ Сигурно веќе сте запознаени со симптомите на детска настинка и грип. Малаксаност, покачена температура и затнат нос се некои од најчестите симптоми со кои се соочува вашето дете, а и вие со него. Мајки и татковци, не грижете се! Постојат начини за да му помогнете на своето дете и бргу да го вратите на секојдневната игра. Дали сте подготвени да дознаете? Пред да претставиме некои од решенијата, да го погледнеме самиот проблем.
Кои се најчестите симптоми на детска настинка и грип?
Да останете будни цела ноќ со болно дете, не е лесно, но да не заборавиме дека вирусните инфекции, како на пример настинката и грипот, се прилично чести кај децата. Всушност, повеќето деца развиваат најмалку 6 до 10 настинки годишно, особено оние кои одат во градинка. Настинката обично трае 5-7 дена, но во некои случаи може да трае и до 2 недели.
Повеќето деца целосно ќе заздрават без потреба од лекарска помош. Кога станува збор за симптомите на детска настинка и грип, тие зависат од многу фактори, вклучително и од возраста на детето. Најчести симптоми кај бебињата се: температура од 37,5 °C или повисока, затнато носе, забрзано дишење, кашлица, одбивање на вообичаената храна, како и изостанување на вообичаено влажната или гнасна пелена. Кај постарите деца најчестите симптоми се движат од течење на носот, затнат нос и кивање до треска, забрзано дишење и кашлица.
Всушност, симптомите на настинка и грип се навидум слични, но постојат и одредени разлики. Обично настинките се придружени со полесни симптоми, додека, пак, грипот е поредок и поврзан со потешки симптоми. Еве го списокот на симптоми:
Симптоми на настинка | Симптоми на грип |
Нормална до благо покачена температура | Висока температура |
Повремена главоболка | Постојана главоболка |
Затнат нос/Течење од носот | Носот не мора да биде затнат |
Кивање | Повремено кивање |
Блага кашлица | Кашлица која може да стане исцрпувачка |
Лесни болки по телото | Често јаки болки по телото |
Благ замор | Замор кој може да потрае и неколку недели |
Болка во грлото | Повремено воспаление на грлото |
Доволно енергија за вообичаените активности | Изразена исцрпеност |
Пет совети за ублажување на симптомите на настинка и грип кај вашето дете
1. Одмор и само одмор
На сите ни е потребен одмор кога сме болни, но на децата им е потребен уште повеќе. Мирувањето в кревет е клучно за подобрување на имунолошкиот систем во борбата против инфекцијата. Одморот и добриот сон сигурно ќе придонесат за побрзо оздравување на вашето дете.
2. Потребни се многу течности
Внесувањето течности е многу важно при настинка и грип. Течностите му помагаат на телото да се избори со инфекцијата, па затоа погрижете се вашето дете да пие вода, топол чај или сок, а од помош може да биде и вкусна домашна пилешка супа.
3. Не заборавајте на витаминот Ц
Имајте ги предвид лимоните, лиметата, портокалите, грејпфрутот, зелени лиснати зеленчуци, како и другото овошје и другиот зеленчук кои содржат витамин Ц. Општо, витаминот Ц има многу улоги во организмот, а меѓу другото, придонесува и за нормална функција на имунолошкиот систем.
4. Водната пареа може да стане корисен сојузник
Користете навлажнувач на воздухот во детската соба, кој ќе ја одржува влажноста на воздухот и кој ќе помогне при затнат нос. Запомнете: вирусните инфекции на дишните патишта напредуваат и полесно се шират во суви простории. Значи, поголемата влажност во вашиот дом може да помогне за ублажување на симптомите кај вашето дете. Тоа е особено важно во зима кога сувиот воздух во загреаните простории може да ги влоши симптомите.
5. Лековите без рецепт како помош!
Симптомите на настинка и грип може да ги ублажите со лекови без рецепт. Тие нема да ја излечат инфекцијата (бидејќи настинката и грипот се инфекции кои се лечат симптоматски), но ќе му помогнат на вашето дете да се чувствува подобро за време на инфекцијата.
Ибупрофенот е ефикасен избор за вашето дете. Тој е нестероиден, противвоспалителен лек кој ги намалува воспалението, болката, отокот и покачената телесна температура. Внимавајте да има пријатен вкус кој ќе му се допадне на вашето дете.
Во продолжение неколку корисни совети за тоа што не треба да правите за време на настинка и грип кај вашето дете. Пред сѐ не изложувајте го детето на чад од цигари. Чадот од цигари дополнително ќе ја надразни слузницата на дишните патишта и ќе ги влоши симптомите. Исто така, немојте да му давате газирани пијалаци на детето. Кога сме веќе кај храната и пијалаците, немојте да му вршите притисок на вашето дете да јаде ако не е гладно. За време на покачена температура детето може да изгуби апетит, кој ќе се врати кога детето ќе почне да се чувствува подобро. Најбитно е да се земаат доволно течности.
И, за крај, но не и најмалку важно, помага ли студениот туш/купката при треска? Ова е едно од најчесто поставуваните прашања кога се работи за намалување на температурата. Одговорот е НЕ.
Иако можеби ви се чини дека студениот туш/купката е добра идеја за намалување на покачената температура, не се препорачува кај мали деца. Со ладење на кожата и со предизвикување треска, телесната температура дури може и да се покачи. Употреба на топол туш, исто така, не се препорачува.
Која температура на водата за туширање се препорачува при треска? Лекарите советуваат дека купка со млака вода (27 до 32 °C) би можела да му помогне на вашето дете да се чувствува подобро.
Следете ги советите и вашете дете бргу ќе се врати на игралиштето
Настинката и грипот можат да ја оневозможат живата, палава и среќна игра на вашето дете. Не треба да паничите, туку треба да знаете што сѐ може да направите кога настинката и грипот ќе ви тропнат на врата. Ви претставивме дел од советите што може да ги примените во домашни услови за ублажување на симптомите на настинка и грип кај вашето дете. Со нивна примена, веројатно, ќе го кренете на нозе вашето дете за неколку дена.
Сепак, се препорачува и посета на педијатар, особено доколку симптомите не исчезнуваат или доколку се влошуваат по неколку дена. Понекогаш настинката, а особено грипот можат да резултираат со компликации или со секундарни инфекции како што се инфекцијата на грлото, синусните инфекции, воспалението на увото, па дури и воспалението на белите дробови. Ако вашето дете има потешки симптоми или ако секој ден му е сѐ полошо, треба да го одведете на лекар. Не обидувајте се сами да ги лечите настинката и грипот доколку нема знаци на подобрување. Стручниот медицински персонал знае што треба да направи и ќе му укаже соодветна помош на вашето дете.